Груби: Ахмети има преземено иницијатива за план Б за почнување на преговорите со ЕУ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Првиот вицепремиер, од редовите на ДУИ, Артан Груби вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, има план Б за отпочнувањето на преговорите со Европската Унија.

„Господин Ахмети има започнато иницијатива, што е доставена и во Бугарија, но и во другите земји на ЕУ, како пратеник, дел на мнозинството. Се работи за иницијатива, идеја на еден член на мнозинството, ова сме го разговарале и со премиерот, и со други членови на Владата но и со меѓународни пријатели, со цел да се постигне слична „формула“ како со нашето членство во НАТО“, посочи Груби.

Тој истакна дека се работи за ист случај како во 2008 година во Букурешт каде беше посочено дека во моментот кога ќе се реши прашањето со името, Македонија ќе стане дел од НАТО, како и што се случи.

„Истото, како план Б, сакаме да го реализираме и со Република Бугарија. Сите земји членки во Советот за општи работи на ЕУ, да одлучат дека првата меѓувладина конференција со РСМ и Албанија ќе биде на ист датум, со услов да се реши билатералниот спор меѓу Скопје и Софија. Ако се реши спорот, автоматски ќе имаме прва меѓувладина средба со ЕУ“, додаде Груби.