ТВ21: Имате 80 или не?
„Имаме 74 пратеници, ако ги исклучите Левица и ВМРО-ДПМНЕ.
74 или 72?, вели првиот вицепремиер Артан Груби.
ТВ21: 74?
„Можеби погрешно ги набројав“, вели Груби.
„64 парламентарно мнозинство. Алијанса има 8. Значи 72. Беса има 2, тоа е 74“
Вака во Клик Плус пред еден месец Артан Груби од ДУИ ги пребројуваше пратениците кои ќе гласаат за уставните измени.
„Вака нас не бројат, по дифолт“, вели Груби.
Но, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците рече дека овојпат нема да ги дадат гласовите на бела хартија, туку ќе имаат услов.
„Сега кога ќе дојдат уставните измени ќе имаме и ние, верувам за 10-15 дена ќе го изнесеме нашето барање пред меѓународниот фактор. Тоа ќе биде многу сериозно барање на Алијансата за Албанците“, рече В.Д. претседателот на АА, Арбен Таравари.
ТВ21: Дали е тоа бришење на 20% или нешто друго?
„Не не. Тоа е нешто многу важно за општеството и за државата, затоа го подготвуваме материјалот. Секако, консултиравме и меѓународни експерти и подготовката на материјалот при крај“, рече Таравари.
Таравари не откри какво е барањето, но рече дека тоа е многу важно за општеството и дека не верува дека некоја политичка партија би го отфрлила.
Инаку, за Македонија да го продолжи патот кон ЕУ, мора прво да ги вклучи Бугарите во Уставот. За ова ќе треба да се отвори Уставот за што се потребни најмалку 80 гласа во собранието.
