Коалиција 27 – вака го нарече договорот за соработка на локални избори меѓу АА-ААА и ВМРО-ДПМНЕ. Според Груби гласачите на АА и ВМРО-ДПМНЕ не се задоволни од договорот.
„Во социјалните медиуми коалицијата ја нарекуваат Коалиција 27, бидејќи е постигната на 27 од овој месец и од друга страна личи на крвавиот 27. Им посакувам успех и се надевам дека гласачите на АА со ентузијазам ќе гласат за Никола Груевски, фактички, Христијан Мицкоски и исто така гласачите на ВМРО-ДПМНЕ со ентузијазам ќе гласат за Зијадин Села во сите општини каде се тркаат“, рече Груби.
ДУИ се плаши од пораз и затоа ја разбираме нивната вознемиреност – рече Омер Ајдини од АА. За Груби вели дека пред да зборува за 27 април, прво треба да одговори на неколку прашања.
„Прво, со кого и зошто Артан Груби се прегрнуваше ноќта на 27 април кога животот на пратеник Албанец беше во опасност? Второ, зошто Артан Груби и неговата коалиција амнестира поголем дел од лицата кои го организираа настанот на 27 април и на Никола Груевски му овозможија бегство во Унгарија? Кој е функционерот од ДУИ кој го информираше Груевски дека на 27 април се избира претседателот на Собранието?“, вели Ајдини.
Договорот за соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците и Алтернативата беше постигнат пред неколку дена, додека СДСМ-ДУИ, исто така, однапред се договорија за соработка. Локалните избори ќе се одржат на 17 октомври, додека обвинувањата и контраобвинувањата веќе почнаа меѓу двата блока.
