Зошто молчите за богатењето на блиските луѓе околу првиот вицепремиер Артан Груби. Ова беше прашањето кое што пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков му го постави на премиерот Димитар Ковачевски. Тој во своето прашање ги набројуваше сите обвинувања за кои деновиве на прес конференции тврдеше дека братот на Груби купува дуќан на улица Македонија од половина милион евра,но и за малверзации преку Бирото за метрологија.
„Зошто Владата предводена од вас нема никаков став по бројните скандали кои излегоа во јавноста. Како блиски луѓе на Груби добиваат акредитации за лабораторија, како се дозволува да трупаат милионски бизниси и имот додека народот осиромашува. Како братот на Груби купува дуќан од половина милион евра кога негова фирма 4 години работи со загуба. Кое е потеклото на парите“, вели Миле Лефков.
Иако прашањето беше поставено до премиерот Ковачевски, на говорницата излезе вицепремиерот Артан Груби на што од опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаше гласни реакции и коментари дека со ова се покажува кој е навистина премиерот во Владата. Груби кој на почетокот му се заблагодари на Ковачевски за тоа што му го отстапи правото да одговори на прашањето, потоа ја нарече ВМРО-ДПМНЕ криминално здружение.
„Овие децата на Сашо Мијалков и на Никола Груевски…. драг премиере, колеги затоа што тие нема да слушаат, но ВМРО-ДПМНЕ е мајка, татко, дедо, баба, која ја има изумено корупцијата, има докторирано на корупција. Значи лоповлук од прв ден до последен ден и затоа знаат најдобро каде е медот за да ги вметнат рачињата. И затоа секој лопов гледа во другите лопов и секој клептоман гледа во другите клептоман“, додаде Артан Груби.
Денешните пратенички прашања иако закажани во 11 часот, почнаа многу подоцна. Најпрво се пролонгира поради претходната седница за разрешувањето на министрите, а потоа повеќе од два часа траеја одговорите на старите прашања, а со денешните прашања се започна дури во 15,30 часот. Опозицијата обвини дека власта намерно го прави тоа за да се изгуби интересот на јавноста и да не ги слушне прашањата што ги поставуваат опозициските пратеници.
