Груби во улога на менаџер на Бехтел и Енка? – Вие сте како чипирани за се што спроведувате, им одговори Груби на ВМРО-ДПМНЕ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зошто првиот вицепремиер Артан Груби се става во улога на менаџер на Бехтел и Енка и повикува на вработување во оваа компанија како ангажман за изградбата на коридорите 8 и 10д. Ова беше прашањето на пратеничката Гордана Силјановска Давкова која за Груби рече дека е интересен феномен.

„Интересен феномен е самиот министер за политички систем и односи меѓу заедниците бидејќи постои во ова Собрание тело кое е пандан на неговото министерство  се вика Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците но во неа не стигнал ниту еден закон од ова министерство ниту се појавил првиот заменик премиер. Ама затоа го гледаме како испраќа повици за вработување за приватна странска фирма Бехтел и Енка. Сакам да го прашам од каде му произлегува правото да делува како менаџер на Бехтел и Енка со нашите пари“, вели Гордана Силјановска Давкова.

Груби ги повика наместо прашања за ова и самата опозиција да ги повика граѓаните да се вработат во овој проект исто како што ВМРО-ДПМНЕ го правеше тоа додека беше на власт. За Бехтел и Енка  тврдевте дека сме плаќале пенали, а тоа не е вистина, рече Груби.

„Беше цела една кампања на цела таа вмровска влада да се отвораат работни места во приватниот сектор и ги повикуваа граѓаните да се вработуваат. Ништо не е различно ниту со овој проект кој што го финансира државата и кој што овозможува над 2 илјади работни места за наши граѓани да се вработуваат. Секоја теза која ја произведовте тука и која што ја наметнаа од партија во која што не верувате туку слепо како чипирани ја спроведувате тука во Собрание, навистина завидувам“, вели Артан Груби.

Драган Ковачки пак со прашање до премиерот дали знае за сексуалното малтретирање кон офицерки во Армијата. На ова одговори министерката за одбрана Славјанка Петровска дека за тоа се води истрага.

„Во АРМ има сериозни случаи на злоупотреби на службената позиција и сексуално малтретирање на подредени офицерки и војници од страна на високи офицери вклучително од страна на генерали и началници во воената безбедност. … Истите високи офицери за возврат им ветувале унапредување и школување на Воената академија и други бенефити“, вели Драган Ковачки.

„Тоа што вие како поранешен шеф на воено разузнавање сте имале обичај да чепкате, да подметнувате и да интервенирате во истраги кои се задача на Јавното обвинителство и на правосудните органи во оваа држава јас таа пракса не ја практикувам и нема да ја практикувам. Ниту водам истрага ниту имам законско право да преземам дел од истрагата која ја води Јавното обвинителство“, врати Славјанка Петревска.

Ковачки постави прашање и до премиерот дали ќе го разреши министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на што тој одговори дека нема да побара негово разрешување затоа што, како што рече ова министерство добро ја врши својата работа.