Од денеска ѓубрето од Куманово се транспортира во депонијата Дрисла во Скопје, откако веќе неколку дена трае блокирање од тамошните жители на депонијата Краста во близина на селото Пчиња. Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски вели дека ваквото решение е привремено се додека не се надмине проблемот. Во меѓувреме, рече тој се врши затрупување со земја за да се угаси депонијата.
„Свикав Општински штаб за заштита и спасување, преземавме конкретни мерки и чекори, донесовме благодарејќи на општествено одговорни компании кои што излегоа во пресрет дополнителна тешка механизација, повеќе булдожери, поголем број на транспортни камиони кои што со големи количини на земја ни помогнаа да го санираме теренот и да го ставиме првично пожарот под контрола, а потоа и дополнително да го неутрализираме“, порача Максим Димитриевски.
Жителите на околните села Пчиња, Студена Бара, Вакаф и Винце се жалат на континуирано загадување од чадот од опожарувањето на депонијата. Бараат нејзина дислокација, но Димитриевски вели дека таква можност не постои.
„Барањата кои што месното население ги испорачува во добар дел се веќе реализирани, во добар дел ќе се работи со долгорочни мерки за реализација на истите, но постојат и барања кои што во моментов не можат да бидат реализирани а тоа е едно од основните барања да се целосно затвори оваа депонија за употреба бидејќи Куманово согласно законот и сите одлуки досегашни на Советот уште од самиот акт на основање на ова Јавно претпријатие од 51-ва година, целиот смет го депонира овде“, вели Максим Димитриевски.
Вчера градоначалникот Димитриевски имаше средба со жителите кои излегоа на протест и го блокираат пристапот до депонијата. Претставник на жителите рече дека протестите не се насочени против собирањето на отпадот во Куманово, туку против неговото одлагање на депонијата од која постојано се шири чад кон населените места.
