Мицкоски: Доста е од поделби и изгубени можности, време е за големи одлуки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потребни се национално единство, реформи и големи стратешки цели за изградба на економски силна и успешна држава, порача премиерот Христијан Мицкоски на свечената академија во Куманово по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

Мицкоски истакна дека политичките разлики не смеат да бидат посилни од заедничката одговорност кон државата, нагласувајќи дека претстои деценија на промени во која приоритет треба да бидат инвестициите, инфраструктурата, современото образование, здравството и институциите што им служат на граѓаните.

„Нашата татковина е поголема од секоја партија и секоја влада. Пред нас е деценија на големи промени. Не смееме да ја трошиме иднината на оправдувања. Потребни се реформи, инвестиции, инфраструктура, современо образование, силно здравство и институции што ќе им служат на граѓаните“, рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на историското значење на 11 Октомври, премиерот потсети на храброста на генерациите што се бореле за слобода, посочувајќи дека денешните генерации имаат обврска да ја зачуваат и развиваат државата и да ја остават на идните поколенија посилна отколку што ја наследиле.

Тој нагласи дека предците се избориле за слобода, генерацијата на независноста создала суверена држава, а денешната генерација треба да изгради економски силна и достоинствена татковина.

„Доста беше со поделби. Доста беше со изговори. Доста беше со изгубени можности и мали амбиции. Време е за големи одлуки. Време е за големи дела. Време е за нова национална самодоверба“, порача Мицкоски.

Според него, целта е држава што ќе се развива и напредува, а нејзините најголеми предизвици ќе бидат сиромаштијата, корупцијата, неправдата, поделбите и иселувањето.

Во говорот, премиерот се осврна и на одговорноста кон идните генерации, посочувајќи дека нивната проценка за денешното време нема да се темели на политичките пораки, туку на конкретните дела и резултати.

Тој порача дека слободата не е завршена приказна, туку обврска што секоја генерација треба да ја продолжи преку одговорно работење, создавање можности и подобри услови за живот.

„Нашите предци ни ја оставија Македонија како завет. Ние им ја должиме на нашите деца како иднина“, рече Мицкоски, честитајќи го празникот 11 Октомври.

На свечената академија присуствуваа бројни државни делегации и претставници на дипломатскиот кор.