Ѓурчески: Досега требаше да има одговорност! – „Возачите слободно си превезуваат, има корупција на границите“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Истрагата треба да одговори што било пресудно за да се случи автобуската несреќа, особено за причините што предизвикало да има и толку голем број жртви, вели  Љубомир Ѓурчески поранешен началник во МВР. Истражителите треба да посветат внимание околу тоа за кое се наведува дека во автобусот имало туби со бензин и петарди, вели Ѓурчески.

„Истражителите треба да посветат најголемо внимание околу точноста на оние индиции кои што укажуваат на присуство на запаливи течности кои што по ниту еден основ не смееле, тоа е горивото во туби, не смееле да се најдат во автобусот и не смееле да се најдат опасни експлозивни материи како што се петардите. Знаете што значи 35 илјади парчиња петарди, тоа е повеќе од 2 – 3 рачни бомби“, истакна Љубомир Ѓурчески.

Во вакви случаи се поставува и прашањето дали возачите на автобуси ова го прават редовно и притоа се сигурно дека им е обезбедено да ја поминат царинската контрола без да бидат казнети и запленети и автобусот но и бензинот, петардите и други работи кои ги пренесуваат.  Ова се кривични дела кои се прават на штета на безбедноста и го доведуваат во опасност животот на патниците истакнува Ѓурчески.

„Контролните механизми  кај нас и коруптивните елементи вкупно во системот имаат и тоа како битен придонес да ни се случуваат вакви трагедии. Затоа што ние се доведовме до една ситуација да превозниците кои што се дрзнуваат да сторуваат вакво кривично дело и да ги доведуваат во опасност патниците тие се сигурни дека безбедно ќе ја поминат границата со 20, 30, 50 или 100 евра рушвет“, вели Љубомир Ѓурчески. .

По несреќата сопственикот на Беса Турс се наоѓа во Бугарија и тој е достапен на истражните органи, но засега се уште нема ништо официјално дали би можел да биде притворен. Ѓурчески вели дека тоа ќе биде одлука на органите кои ја водат истрагата, но вели дека досега некој требаше да понесе одговорност заради тоа што поради системски слабости се дозволило да дојде до ситуација да ни се случи толкава трагедија.

„За морална одговорност мислам дека ние како држава сме заборавиле што е тоа морална одговорност години наназад. Инаку, во најмала рака, во еден ваков случај требаше да си поднесат оставка од морални причини министерот за внатрешни работи, помошникот директор за сообраќајни работи, директорот во Бирото за јавна безбедност, министерот за транспорт и врски, директорот на Царина, помошник министерот во министерството за транспорт и врски надлежен за лиценцирање на патничкиот превоз“, додаде Љубомир Ѓурчески. .  

Во февруари 2019 година во автобуска несреќа на компанијата Дурмо Турс  кај селото Ласкарци загинаа 16 лица, а 38 беа тешко повредени, но досега се уште нема судска разврска но и одговорност за трагедијата. Уште со оваа несреќа се наметна прашањето на системските пропусти во организирањето на јавниот патнички превоз во Македонија.