По една година од членството во НАТО професор Марјан Ѓуровски во вчерашниот магазин на ТВ21 Клик плус вели дека имаме голем број придобивки. Алијансата меѓу другото ни помогна во делот на проверката на професионалниот кадар и во Армијата и во полицијата. Благодарение на нашето членство во НАТО вели тој сме имале предупредување на земји партнери и со тоа сме успеале да спречиме терористички напади во нашата земја.
„За среќа ги имаме партнерите на северно-атлантската алијанса, со кои воспоставивме еден добар систем на заштита на класифицирани информации. Имаме примери во два случаи бевме предупредени од земји партнери во делот на насилниот екстремизам и тероризам и беа попречени такви инциденти и терористички напади, во Скопје односно во Македонија“, реле Марјан Ѓуровски, професор.
Во врска со неодамнешниот нон-пејпер за прекројување на границите Ѓуровски рече дека е потребно јасно спротивставување на ваквите идеи.
„Било какво оперирање со документи во кои имаме прекројување на границите се испраќа лоша порака и добри се позициите на Соединетите Американски Држави кои се јасно против промена на граници и размена на население и територии помеѓу Србија и Косово. Јанша веројатно се обиде да се факторизира во регионот и во Европската унија пред претседавањето и неговото преземање на преседавањето на Европската унија“, додаде професорот Ѓуровски.
Ѓуровски исто така напомена дека во еден извештај на Управата за безбедност и контраразузнавање стои дека Македонија е под асиметрични хибридни закани и влијанија од руски разузнавачки центар стациониран во Софија. Руското влијание насекаде треба сериозно да го набљудуваме, рече тој.
