И покрај многуте полемики во јавноста, Мустафа Хајрулахи е избран за шеф на Вишото обвинителство. За неговиот избор гласаа едногласно сите членови на Советот на обвинители, а Хајрулахи немаше ниту еден противкандидат. Еден од членовите на Советот, Коле Штериев рече дека да избереш обвинител кога за избор има само еден кандидат, е исто како во трка на коњи да има само еден коњ. Меѓутоа, според претседателот на Советот на обвинители, Антонио Јолевски, не е нивна вина што од трката се повлекле другите обвинители.
Јолевски вели дека обвинителот Хајрулахи е позитивно оценет со 23 поени, а додаде дека е подобро да се избираат шефови на обвинителствата отколку истите да бидат без раководител. Истото се однесува и на ситуацијата со Обвинителството за следење организиран криминал и корупција. Според него, врз Советот во изборот на Абази немало никакви влијанија.
За шеф на Вишото јавно обвинителство во Гостивар е избран Фарик Арслани. Советот ја избрал и Оливера Нечаковска за претседател на ОЈО Битола, Цветанка Богоевска за ОЈО Велес, Душица Димитриевска за ОЈО Гостивар, Елизабета Милева-Јорданова за ОЈО Кавадарци и Теута Рамадани за ОЈО Куманово.
