Отворањето на Културниот центар Ванчо Михајлов во Битола на која присуствуваше и целиот државен врв на Бугарија е една вистинска провокација, се согласија соговорниците во вчерашниот дебатен магазин на ТВ21 Клик Плус. Поранешниот амбасадор Мухамед Халили смета дека треба да има закон за забранети имиња како што е Ванчо Михајлов.
„Фактот што таа посета почна и заврши со некои изјави кои не доликуваат на досегашните вистински напори меѓу двата премиера Ковачевски и Кирил Петков на Бугарија тоа значи дека целта не само што не беше постигната туку тоа беше една вистинска провокација, што не само јас лично како амбасадор, туку и Советот на амбасадори така го квалификуваше“, вели Мухамед Халили.
Професорот и поранешен амбасадор Ивица Боцевски со критики за благиот однос на претседателот Пендаровски, но и на власта која како што смета требала да не дозволи да се случи такво славење на Ванчо Михајлов на сред Битола.
„Нашиот претседател реагира на фејсбук. Врховен командант на војската. Ако има против таков чин нашиот претседател, требало да му каже на министерот Бујар Османи, не може да го одбие министерот, извини ќе им кажеш да не доаѓаат. Во Битола во саботата не постоеше македонска држава. Тоа што револтира, тоа што прави емотивна реакција кај сите и кај мене, каде беше Петков во саботата? Во Македонија? Во Бугарија? Што правеше? Бележеше територија таму некаква?“, вели Ивица Боцевски.
Новинарот Ѕвездан Георгиевски пак смета дека самото именување на таков еден клуб нема ништо заедничко со ликот и делото на Ванчо Михајлов.
„Мене малку ме нервира или ме вади од такт е што културата секогаш се злоупотребува во вакви некои ситуации. Ванчо Михајлов со култура нема никаква Божја допирна точка. Никаква“, посочи Ѕвездан Георгиевски.
И министерот за надворешни работи Бујар Османи на вчерашниот брифинг со новинарите, настанот во Битола со отворањето на клубот со име на Ванчо Михајлов го оцени како провокација.
