Бројот на потврдени и веројатни случаи на хантавирус меѓу патниците на крузерот MV Hondius достигна 10, при што две лица се потврдени како починати од вирусот, а уште едно лице се смета за сомнителен случај на смрт поврзана со инфекцијата.
Шеснаесет американски патници во понеделникот пристигнале во Медицинскиот центар на Универзитетот во Небраска. Од нив, 15 биле сместени во карантинска единица под медицински надзор, додека еден патник, кој првично бил позитивен на вирусот, бил префрлен во специјална биоконтролна единица. Подоцна, по дополнителни тестирања, резултатите кај тоа лице биле негативни, по што било префрлено во карантинската зона.
Дополнително, уште двајца американски патници биле транспортирани во Атланта за „понатамошна проценка и лекување“, соопштија надлежните.
Светската здравствена организација засега не размислува да прогласи меѓународна здравствена вонредна состојба, бидејќи, според организацијата, епидемијата на хантавирус сè уште се смета за ограничена, а ризикот за пошироката јавност останува низок.
Претставничката на СЗО, Марија Ван Керхове, изјави во петокот дека нема докази оти вирусот мутирал и станал позаразен или посмртоносен.
Во меѓувреме, СЗО најави почеток на меѓународна студија во која ќе учествуваат околу 20 држави, со цел подобро да се утврди колку долго заразените лица остануваат инфективни и колку долго вирусот може да биде присутен во организмот.
Организацијата исто така соработува со експерти од Аргентина, Чиле, Уругвај и други земји за да се утврди потеклото на актуелното ширење на хантавирусот.
