Повеќе лица се лишени од слобода во текот на 3 и 4 октомври на различни локации во земјава, откако полициски службеници кај нив пронашле и одзеле марихуана, кокаин и други материи за кои постои сомнение дека се дрога.
Во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје привеле девет лица – Г.П. (21), С.Б. (37), М.Х.З. (39), С.М. (19), 17-годишничка, М.И. (38) од Велес, Х.Д. (25) од Гостивар и Е.С.Е. (22) од Турција. Кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и бела прашкаста материја.
Во Тетово, на улицата „Киро Ристоски-Дрнц“, бил лишен од слобода Л.А. (36). При прегледот кај него биле пронајдени две пакувања со кокаин и еден кујнски нож.
Подоцна истиот ден, во спортска обложувалница на улицата „120“ во Тетово, полицијата го привела К.А. (34), кај кого бил пронајден предмет со остатоци од кокаин. Во врска со случајот бил лишен од слобода и С.Р. (62) од село Челопек, одговорно лице во објектот, поради сомнение за сторено кривично дело „овозможување употреба на опојни дроги“ по член 216 од Кривичниот законик.
Во Гостивар, на улицата „Иво Лола Рибар“, бил приведен С.А. (29), кај кого било пронајдено и одземено пакување со кокаин.
Во Штип, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со оружје и дрога при СВР Штип ги лишиле од слобода А.Ѓ. (22) и В.И. (24). При прегледот кај нив биле пронајдени грутчеста материја и марихуана.
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полицијата го лишила од слобода Ј.М. (37) од Чешка. Во неговиот личен багаж, во патничко возило со чешки национални ознаки, била пронајдена и одземена марихуана.
Во Кавадарци, пак, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово, во координација со Регионалниот центар за гранични работи „Југ“, го лишиле од слобода А.Г. (31) од Кавадарци. При извршениот преглед кај него била пронајдена и одземена марихуана.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
