Хаос на Табановце: Странците со часови чекаат да ги платат казните од „Safe City“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Километарска колона до граничниот премин Табановце и долги чекања на шалтерите.

Ова се случува бидејќи лицата транзитирале низ Македонија со странски таблички, а направиле прекршок кој е евидентиран преку системот „Безбеден град“, мора да ги платат казните.

„Долги редици на чекање, овде на граничниот премин Табановце, каде што странските државјани кои престојувале или поминале низ нашата земја и биле снимени од камерите на „Safe City“, сега со часови чекаат да ги платат сообраќајните прекршоци, бидејќи граничната полиција не им дозволува да ја напуштат земјата“, вели новинарот на ТВ21.

Работеа четири шалтери.

Пред камерите на ТВ21, дел од странските државјани рекоа дека чекаат повеќе од еден час и се жалат на бавниот процес на работа на граничниот премин.

„Немам апликација, не ми работи интернетот овде во неутралната зона, а ми бараат да платам онлајн. Зошто немаат поставено каса за плаќање во готово, зошто нè малтретираат, нè собраа како да сме животни!“ – вели граѓанин од Србија.

Прашање: Како функционира, ви треба интернет?

– Да ја детектираат казната и да направат уплатница, но не прашуваат дали имаш доволно пари на картичката или дали имаш интернет. И откако ќе платиш, повторно чекаш овде за да им докажеш, па потоа да ни ги дадат документите, вели граѓанин од Србија.

„Немам поим како функционира, луѓето чекаат овде и велат дека казните ни ги испраќаат преку е-пошта“, вели граѓанин од Романија.

Прашање: Колку чекате?

– Некаде еден час! – вели граѓанин од Романија.

Прашање: Дали е ова во ред?

– Ова не сум го видел никаде! Ова е катастрофа, ова не требаше да се случи. Вака ќе одите во ЕУ! „Мало морген“…! – вели граѓанин од Романија.

Овој германски државјанин вели дека ќе ја извести Амбасадата во Скопје за проблемите што им се предизвикуваат!

„Ние сме од Германија, минатата недела бевме на одмор овде и сега се враќаме. Ние сме овде, но не знаеме во што е проблемот, ни ги задржаа пасошите и документите од автомобилот. Чекаме со три автомобили овде, едвај најдовме паркинг и проблемот е што не знаеме што се случува“, вели граѓанин од Германија.

„Чекам да платам казна за пречекорување на брзината, веќе чекаме час и половина, ништо не се движи. Мојот сопруг е болен од астма и овде е многу жешко, но никој не презема мерки. Не мислам дека ова е добар начин да се третираат туристите кои минуваат низ Македонија, ова ми е 50-ти пат како доаѓам овде, но 4-ти пат ми се случува ова! Ако сум го прекршила законот, во ред е да платам, но не на овој начин“, вели граѓанка од Турција.

На граничниот премин Табановце беше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој призна дека оваа постапка треба да се подобри и дека од четирите шалтери кои моментално работат, планираат да направат осум пунктови за наплата.

„Ова ќе биде, главно да кажеме, техничко решение кое ќе се применува и на сите други гранични премини, што ќе овозможи соодветни предуслови за оваа мерка да се спроведе како што треба. Предизвици ќе има, секако, но ќе се подобруваме во рамките на она што треба да го унапредиме, но спасувањето на еден човечки живот во споредба со минатото нема цена“, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Тошковски објасни дека на граничниот премин Табановце се поставени т.н паметни камери кои ги читаат регистарските таблички и ги идентификуваат возилата за евидентирани сообраќајни прекршоци. Според него, возилата без прекршоци ќе продолжат директно кон границата со Србија без дополнителни контроли, додека истото техничко решение се очекува да се примени и на другите гранични премини.

Инаку, МВР излезе со известување дека странските државјани кои направиле сообраќајни прекршоци ќе бидат санкционирани при излез од земјата на граничниот премин „Табановце“, каде што ќе им бидат предадени записникот и налогот за плаќање на казната.