Хаос во албанскиот парламент: Навреди, турканици, запалени столчиња

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Денешната попладневна седница на албанскиот парламент траеше само 15 минути поради хаосот предизвикан од опозициските демократски пратеници, што ја принуди претседателката Елиса Спиропали да ја прекине.

Напнатата ситуација започна веднаш штом Спиропали предложи да му се одземе мандатот на пратеникот Ервин Салињани и да се побара замена од Централната изборна комисија, бидејќи тој во моментот служи затворска казна.

Демократските пратеници веднаш ја блокираа говорницата, фрлаа различни предмети кон Спиропали и упатуваа навреди, вклучувајќи и напади кон обезбедувањето. Во хаосот, Фљамур Нока, генерален секретар на партијата, се обиде да се пресмета со социјалистот Петро Кочи.

Демократите ги извадоа своите столчиња, ги полеаја со бензин и ги запалија пред собраниската зграда.

„Сцената од денешната пленарна седница, со блокирана говорница и запалени столчиња, ќе стане секојдневие за Собранието. Техничката влада е решението за напредок на Албанија и спроведување на слободни избори“, изјави Нока по седницата.

Ваква тензична атмосфера во албанскиот законодавен дом не е новина; претходно, речиси цела година седниците беа прекинувани по само десетина минути, со хаос при изгласувањето документи само со гласовите на владејачкото мнозинство.