Хелсиншки комитет: Изборот на омбдусманот е партиски пазар – Костадинов: Постапката е транспарентна, наскоро ќе има избор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Целата постапка за избор на народен правобранител е нетранспарентна и се води на многу сомнителен начин, реагираат од Мрежата за заштита од дискриминација. Игор Јадровски од Хелсиншки комитетот кој е дел од Мрежата вели дека зад ова се крие обид повторно на оваа позиција да се стави партиска личност.

„Малициозноста оди до таму што и Собранието го немаше објавено овој оглас во делот Огласи каде што ги објавува сите јавни огласи туку единствената информација што можете да ја најдете за огласот се наоѓа на делот пленарни седници во дневниот ред на седницата на која што се гласала одлуката. Сето ова ни ги потврдува сомнежите дека изборот на Народен правобранител по 30 години од постоење на оваа институција ќе се сведе на меѓупартиски пазар.“, изјави Јадровски.

Постапката на избор на народниот правобранител ја врши собраниската Комисија за избори и именувања. Претседателот на оваа Комисија Костадин Костадинов, вели дека постапката е при крај и дека наскоро ќе има и избор на прв човек на оваа институција.

„Огласот беше транспарентно објавен, огласот е веќе завршен, поминаа и двата дена кои што ги оставаме како Собрание за доколку некој има доставено материјали по пошта да стасаат во Собрание. Ќе се врши евалуација на CV-ата кои што се доставени со пријавените кандидати и секако во координација со сите парламентарни политички групи.“, рече Костадинов.

Од Хелсиншки бараат претседателот на Собранието да ја запре постапката и да го поништи огласот, а потоа да биде повторно објавен на транспарентен и да се добие конкурентност за изборот на народен правобранител. Костадинов, одговара, дека ваквата реакција е нивно право.

„Пошироката особено стручната јавност да биде запознаена, да биде направен на еден транспарентен и јавен начин што ќе овозможи конкурентност односно запазување на Париските и Венецијанските принципи при изборот на новиот народен правобранител. Веројатно во периодот кој што ќе следи ќе направиме некаква стратегија. Дали ќе се сретнуваме со некој од пратениците дали со претседателот на Собранието“, вели Јадровски.

„Демократско општество е, секој може да дава забелешки и секако се што може да се имплементира како забелешка не е спорно. Но кога станува збор за огласот за народен правобранител најодговорно тврдам, тоа е секако обврска на претседателот на Собранието во делот на распишување на самиот оглас дека согласно законските норми согласно актите во Собранието беше објавен транспарентно на кој оглас има пријавен повеќе кандидати.“, вели Костадинов.

Од Алијанса за Албанците деновиве рекоа дека ова место треба да им припадне на опозицијата. На позицијата народен правобранител досега беше Иџет Мемети кому по 16 години му истече и вториот мандат. Тој беше повторно избран за прв човек на оваа институција на 24 декември 2012 година, токму на седницата кога се случи и насилството во Собранието. Мемети сега е избран за член на Советот на јавни обвинители.