Кандидатот на левичарската партија победи на локалните избори во мал андски округ со 34,5 отсто од гласовите. Ова не е првпат лице со името Хитлер да добие поддршка од гласачите во јужноамериканската земја.
Перуанецот Хитлер Мусолини Симеон Флорес (45) е избран за градоначалник на малиот округ Керопалка, во покраината Лаурикоча, во регионот Уануко, по тесната победа на локалните избори.
Флорес настапил како кандидат на левичарската партија „Аора Насион“ (Ahora Nación), освојувајќи 229 гласа, односно 34,5 отсто од вкупно 663 важечки гласа, објави „Еуроњуз“.
Неговиот најблизок противкандидат, Гаспар Бенилде Осорио Замбрано, од партијата „Популарен препород на Перу“, добил 204 гласа, односно 30,8 отсто.
Според официјалните податоци од 2024 година, округот Керопалка има нешто повеќе од 730 жители. Покрај политичката кариера, Симеон Флорес раководи и со инвестициската група „Симеон САК“, со седиште во местото Пилко Марка, во истиот регион.
Гласањето се одржало во рамките на регионалните и локалните избори во Перу, по претседателските избори на кои победи десничарската политичарка Кеико Софија Фухимори.
Ова не е првпат лице со името Хитлер да освои поддршка од перуанските гласачи. Хитлер Алба, кандидат на десноцентристичката партија „Ние сме Перу“ (We Are Peru), бил градоначалник на друг мал андски округ, Јунгара, во периодот од 2011 до 2014 година.
Алба повторно се кандидирал и во 2018 година, кога освоил 47,7 отсто од гласовите. Во кампањата користел слогани како „Хитлер се враќа“ и „Хитлер со народот“, а самиот се нарекувал „добриот Хитлер“.
Тој изјавил дека неговиот татко не бил запознаен со историското наследство на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер кога му го дал името.
