Хоџа: Инвестиции за општините и управувањето со отпадот – нов Закон против загадувањето ќе стапи во сила во 2027 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за животна средина, Мухамед Хоџа, соопшти дека продолжуваат инвестициите за подобрување на управувањето со отпадот и борбата против загадувањето на воздухот. Според него, веќе се обезбедени механизација и комунална опрема за општините, а паралелно се подготвуваат постапките за изградба на регионални центри за управување со отпад.

„Веќе е обезбедена најважната опрема за општините – механизација и комунална опрема. Паралелно се подготвува документацијата за јавните повици за изградба на регионалните центри во Русино и во Новаци, додека центарот во Свети Николе е во завршна фаза и се очекува наскоро да започне неговата изградба. Исто така, се подготвува и документацијата за набавките поврзани со претоварните станици.“, изјави Мухамед Хоџа.

Хоџа истакна дека една од најважните мерки за намалување на загадувањето на воздухот е новиот Закон за контрола на индустриските емисии. Тој рече дека законот ќе стапи во сила во септември 2027 година и дека Министерството веќе започнало со подготовките за негово навремено и ефикасно спроведување.

„Еден од клучните чекори во борбата против загадувањето на воздухот е донесувањето на новиот Закон за контрола на индустриските емисии, со кој се воведуваат построги стандарди и поголема одговорност во индустрискиот сектор. Законот ќе стапи во сила во септември 2027 година, а во меѓувреме интензивно работиме како Министерство на создавање услови за негово навремено и ефикасно спроведување.“, рече Хоџа.

Хоџа додаде дека во изминатите две години се започнати 300 инфраструктурни проекти.