Холштајн: Да продолжат разговорите со Бугарија, Захариева порача да не се надеваме на нешто добро по изборите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската унија треба да се случи оваа година бидејќи исполнето е се што е потребно и друга алтернатива нема. Ова го изјави германската амбасадорка Анке Холштајн која притоа истакна дека многу важно е да има соработка меѓу Македонија и Бугарија.

„Во текот на следните недели мислиме дека она што е многу важно е да има соработка меѓу двете соседни земји во оние области и сегменти каде што нема разлики во мислењата и со тоа ќе се докаже дека постои добра соработка.
Верувам дека можеме да постигнуваме цели доколку доволно напорно работиме на нивни исполнувања. Со тоа отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија треба да се случи и јас се надевам дека ќе успееме да го постигнеме тоа оваа година“, вели Холштајн.

Но сепак од изутрина од бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева беше испратена порака дека Македонија не треба многу да се надева дека по изборите во Бугарија нешто ќе се промени.

Таа рече дека позицијата на бугарскиот парламент во однос на Северна Македонија е единствена околу ова прашање и дека во однос на прашањето за македонскиот јазик рече дека тоа е една од заблудите кои Македонија сака да ги внесе.

„Погрешно е претставено дека нешто ќе се промени по изборите. Ако нешто се смени, тоа повеќе би можело да биде полошо за нив. Дека Бугарија се обидува да го забрани правото на идентитет на граѓаните на Република Северна Македонија тоа не е така. Тоа е еден од заблудите по однос на бугарската позиција. Ние сакаме надминување на стереотипите од минатото, запирање на воспитувањето и основањето на нацијата базирано на антибугаризмот, запирање на јазикот на омраза.“, рече Захариева.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, бара Владата да го покаже документот за кој преговара со Бугарија, за кој како што тврди едно од нив е идентитетските прашања.

„Секој оној кој што денеска, политичар ви вели и ви дава одговор дека не се дискутира лаже и манипулира со македонската јавност. Да, на маса, покрај бизнисот што за мене е несфатливо како политичар е и македонскиот идентитет.“, изјави Мицкоски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи деновиве за ТВ21 изјави дека Бугарија јасно кажа дека не ги спори идентитетските прашања. Мислам дека и бугарската страна со своите ставови не ги спорат идентитетските атрибути туку треба да се разговара за заднички точки кои што народите ќе ги направи поблиски, вели Османи.