Христијанските верници го слават најголемиот и најрадосниот празник, воскресението на Исус Христос, Велигден. Верниците овој ден го сметаат за еден од најсветите и си го честитаат со Христос Воскресна, Вистина Воскресна притоа дарувајќи си и кршејќи се со црвени јајца, која ја симболизира исусовата крв пролеана за спасение на сите луѓе. Во велигденското послание архиепископот охридски и македонски Господин Господин Стефан им го честиташе празникот на граѓаните, но притоа се осврна и на трагедијата во Кочани за која рече дека го сплоти целиот народ во тага и молитви.
„Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението. И во овој миг да се потсетиме и на оние кои што го жртвуваа и сопствениот живот, за да спасат што повеќе други живот Во нив силно заблеска евангелската порака за љубовта кон ближните“, вели г.г. Стефан.

Пораки и честитки за големиот христијански празник пристигнаа и од државниот врв, политичките партии и организации. Претседателката Гордана Силјановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министрите Александар Николовски и Панче Тошковски заедно со семејствата христовото воскресение го дочекаа во една од црквите во Охрид. Во честитката Силјановска со порака.
„Фактот што токму годинава сите христијани го прославуваат Велигден на ист датум нека биде поттик за сплотеност како кај нас, така и во целиот свет“, изјави Силјановска-Давкова.

Честитки упати и премиерот Мицкоски кој им посака мир, љубов и надеж на сите граѓани.
„Нека светлината од Воскресението на Христос донесе мир, љубов и надеж кај сите! Да ја славиме оваа победа на животот над смртта со вера, радост и благодарност.“, стои во честитката на Мицкоски.
Велигденската порака е порака на надеж и обнова, но и потсетување на заедничките вредности, наведе претседателот на Собранието Африм Гаши.
„Нека овие велигденски денови бидат исполнети со семејна среќа, и спокој, поттикнувајќи нè да се соочуваме со сите предизвици преку позитивни примери и меѓусебна поддршка“.

Честитка упатија и од коалицијата ВРЕДИ.
„Ова се денови на приближување еден до друг, но и на доверба меѓу нас. Како празник на воскресението и обновувањето, Велигден е симбол на жртва и надеж, на нови почетоци“, стои во честитката на ВРЕДИ.
Претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче повика на меѓусебно почитување.
„Велигден е празник кој ни дава сила и носи надеж за нови и подобри почетоци за справување со предизвиците“, стои во честитката на Филипче.

Мирен и благословен празник посакаа и од опозициската ДУИ.
„Велигден е симбол на надежта, животот и победата на светлината над темнината. Тоа е ден што нè обединува околу љубов, солидарност и прошка“, велат од ДУИ.
Оваа година Велигден, покрај православните, на ист ден го слават и католичките верници, а ваквото поклопување не се случува често.
