Командантот на украинската армија во Доњецк Олександр Лученко е разрешен по неколку значајни порази, објавија украинските медиуми. Според порталот „Украинска правда“, на негово место ќе дојде Олександер Тарнавски. Назначувањето се уште не е официјално објавено. Кризата за украинските војници во источниот дел на земјата се интензивираше во последните недели.
Лученко бил одговорен за првиот дел на одбраната околу стратешки важните градови Покровско и Курахово. Руската армија веќе делумно го окупираше Курахово, кој е пред пад. Украинската армија успеа да го идбрани градот подолго отколку што предвидуваа многу експерти.
Военото раководство се соочи со остри критики за несоодветната одбрана кај Покровско. Руската армија успеа да ги пробие добро развиените и погодно лоцирани одбранбени линии јужно од градот. Поради ова, на Покровск му се заканува опасност да биде опколен и натамошно напредување на руската војска кон регионот Дњепропетровск.
Тарнавски е еден од најпознатите генерали во Украина. Тој ги предводеше успешните контранапади на Украина во 2022 година на југот на земјата, со што повторно беше заземен Херсон. Сепак, неговиот обид да упадне во Запорожје во летото 2023 година не беше успешен, како и одбраната на градот Авдијивка во областа Доњецк.
Претходно и Кремљ го назначи генерал-полковникот Андреј Иванаев за командант на групата сили Восток, која ја предводи офанзивата во источниот украински регион Донбас, објавија медиумите поврзани со рускиот режим.
Популарниот украински воен телеграмски канал Country Politics, кој има повеќе од 290.000 корисници, објави дека Иванаев е назначен за командант, што сугерира дека одлуката е поврзана со посетата на рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов на регионот.