И Словенија оди кон забрана на социјални мрежи за млади под 15 години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Словенечката влада на седница одржана во Дравоград усвои насоки за измени на законската регулатива со кои се предвидува ограничување на користењето на социјалните мрежи од страна на лица помлади од 15 години.

Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојувањето на конкретните законски решенија, Министерството за дигитална трансформација ќе треба да даде свое мислење за предложените насоки.

По завршувањето на седницата, Арчон појасни дека одлуката е донесена со цел да се спречат негативните последици од прекумерното користење на социјалните мрежи кај децата и адолесцентите под 15-годишна возраст, следејќи ги примерите на повеќе европски и светски земји.

„Ова прашање е актуелна тема на глобално и европско ниво во изминатите недели и месеци, а со овој чекор како влада испраќаме јасна порака дека се грижиме за благосостојбата и заштитата на нашите деца“, изјави Арчон.