И Тошковски е подготвен: Нема да дозволам обид за дестабилизација, вели тој по написот на ДУИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Доколку има обиди за дестабилизација МВР жестоко ќе одговори, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски откако по седницата на раководството на ДУИ беше поставено прашање – „Дали сте подготвени?“. Тошковски рече нема да се дозволи било какви дестабилизирање, бидејќи институциите ги проследуваат неопходните информации во однос на таквите најави.

-МВР е подготвено да одговори на секакви предизвици во иднина, предизвици кои што ќе бидат насочени кон дестабилизација на Македонија доколку ги има како такви во реалноста во иднина жестоко ќе одговориме. Службите во рамки на институционалните форми кои што ги имаме во државата а се занимаваат со овој тип на надлежност проследуваа и проследуваат соодветни информации до надлежните раководни органи во рамки на истите а истите како такви беа споделувани соодветно и со премиерот и со претседателката, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Раководството на ДУИ викендов одржа состанок во седиштето на партијата во Мала Речица, по што на заедничка фотографија напишаа дека се подготвени, но не е прецизирани ништо конкретно на што се мисли.

Од Демократската унија за интеграција уште летово најавија дека во текот на септември тие ќе имаат активности насочени кон заштита на легитимитетот, што беше протолкувано дека во Мала Речица се подготвува сценарио за етнички тензии и дестабилизација на државата.