Ибрахими со повик до политичарите во Тирана и во Приштина: Не се залажувајте со измислиците за опасноста по албанскиот јазик

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По повиците на ДУИ и на претседателот на ДПК за заштита на употребата на албанскиот јазик во Македонија, реагираше и претседателот на Алтернатива, дел од владината коалиција ВРЕДИ, Зеќирија Ибрахими. Тој ги повикува политичарите во Тирана и Приштина да не се залажуваат со измислици. Ибрахими пишува дека ДУИ еднаш ги измамила Хашим Тачи и Еди Рама дека албанскиот јазик во Северна Македонија е официјализиран, а сега, според Ибрахими, повторно лажат некои други политичари во Тирана и Приштина дека „јазикот што го официјализирале тогаш се покажа дека не е официјализиран, туку сега е загрозен.

„За жал, во Приштина и во Тирана има политичари кои веруваат во тие фикции, притоа заборавајќи дека не постои начин албанскиот јазик како малцински јазик да биде позагрозен отколку што тие го оставиле. Се разбира, за нас кои живееме овде, знаеме дека намерата на овие солзи „за јазикот“ е страста за моќ и стравот од правдата. Заврши времето на измамниците“, пишува Ибрахими.