Внатрешната демократија и овие избори најверојатно ќе изостане. Партиските лидери при составувањето на листите за пратеници, според најавите ќе ја испуштат шансата за нови кадри и свежина, па идниот парламентарен состав веројатно во голема мера ќе наликува на претходниот.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вели дека во листите ќе има континуитет бидејќи последната пратеничка група донела историски одлуки.
-На листите логично е да има континуитет, за нас се вредни сите кандидати. 17-ти или 18-ти на листа станува пратеник, сите нашите кандидати се вредни и подготвени да се втурнат во таа одговорност и чест која граѓаните треба да ја доделат преку изборниот процес. Имаме и новини, имаме и континутите. Сериозно ја почитуваме досегашната пратеничка група која имаше храброст да ги направи сите овие историски големи работи за нашата земја.-вели Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека ќе има место за надпартиски луѓе, но ќе се најдат како што вели тој и веќе истакнатите во својата фела.
-Апсолутно ќе има луѓе кои што се надпартиски и луѓе кои што се истакнати во својата фела и цениме дека тие треба да бидат дел од листите на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, тука немаме никаква дилема.-изјави Мицкоски.
Заев додава дека неговата партија ќе има родова еднаквост во листите.
„Се координираме со коалиционите партнери. Секако дека ќе имаме жени носители на единици, еве можам да кажам дека јас и Радмила Шекеринска ќе бидеме носители на изборни единици“, вели Заев.
Негоиот опонент Мицкоски вели дека во листите ќе има место за сите согласно пропишаните законски определби.
-За жал бројките се дефинирани со закон и ние ќе мораме согласно тој закон да постапуваме, односно, помалку застапениот пол да биде 40%, а повеќе застапениот пол да биде 60%. Но, тоа не значи дека 40% ќе биде понежниот пол, може посилниот пол да биде помалку застапен.-вели Мицкоски.
На новинарско прашање дали доколку СДСМ изгуби на изборите, лидерот Заев би поднел оставка тој рече дека времето на опасност поминало, сега е уверен во победа. Мицкоски пак вели дека останува шпицен кандидат, односно има амбиции за премиер, но не и за пратеник. Ги повика новинарите на 12-ти април да го прашаат кој сè ќе биде дел од новата Влада, а Заев да го прашаат за оставката.
ДУИ ја состави листата на носители на кандидати за пратеници за претстојните избори. Претседателот на партијата Али Ахмети ќе биде носител во шестата изборна единица, Талат Џафери во петтата изборна единица. Во тројката носител ќе биде поранешниот министер за економија Беким Незири, во втората изборна единица носител ќе биде министерот за образование Арбр Адеми, и во првата изборна единица носител ќе биде партискиот потпретседател, Изет Меџити.
Направените измени во Изборниот законик предвидуваат дека секој пол треба да биде застапен најмалку со 30%. Конечните листи за претстојните предвремени парламентарни избори, партиите треба да ги достават до вторник до Државната изборна комисија.
