Брзата реакција на полициските службеници и пожарникарите спречи поголеми последици откако во струмичкото село Габрово беше предизвикан пожар кој од дворно место се проширил кон улицата. Поради инцидентот, едно лице е лишено од слобода.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 30 јули околу 22:00 часот, полициски службеници од СВР Струмица го привеле Б.К. (63) од Струмица, кој престојувал во селото Габрово.
Полициските службеници го забележале како предизвикува пожар во сопствениот двор, по што огнот се проширил и кон улицата на која живее. На местото интервенирала екипа на Територијалната противпожарна единица Струмица, која успешно го изгаснала пожарот. Во настанот нема повредени лица.
По приведувањето, кај лицето било извршено алкотестирање со дрегер, при што биле измерени 2,04 промили алкохол во крвта.
За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, а по целосното документирање на настанот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
