Идризово, протест против отворање паралелка на албански јазик – Шаќири: Доколку не се најде решение, ќе и се одземат надлежностите на Гази Баба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Родители на учениците Македонци протестираа против отворањето паралелка на албански јазик во ОУ Његош во Идризово. Ова видео ни го испрати еден родител кој вели дека тајно го снимил. Ризван Сефери, еден од родителите вели дека ништо повеќе не бараат од тоа што им следува по закон.

„Застанав и го прашав советникот на општина Гази Баба, кој се вика Филип. Ми рече, што бараш овде?! Дојдовте да провоцирате?! Го прашав за што излеговте? Тој рече дека сме против паралелката на албански јазик, вие, рече, имате превоз и не се мешате во ова училиште, продолжете со превозот, општината плаќа превоз и продолжете“, вели Ризван Сефери.

Советот на родители на учениците Албанци денеска се сретна со министерот за образование Јетон Шаќири. Тој ги информираше дека просветниот инспекторат прави записник дали училиштето има услови да ја отвори паралелката на албански јазик. А доколку не се најде решение, Шаќири рече дека ингеренциите на градоначалникот ќе му бидат одземени.

„Градоначалникот на сегашната општина доставил допис до МОН, до Министерството за транспорт да најде локација за да ги добие сите документи и да започне изградбата на ново училиште. Ќе ги разгледаме сите законски можности не само за училиштето Његош, за сите други училишта во општината, бидејќи за мене системот треба да биде еднаков, едно училиште да не се разликува од другите училишта, ако решиме да ги преземеме ингеренциите ќе ги преземеме сите во рамките на образовниот систем доколку не ја исполнат својата законска и уставна обврска“, вели Јетон Шаќири.

Инаку, учениците Албанци веќе неколку години бараат да се отвори албанска паралелка во ова училиште или да се изгради училиште во нивното село, но досега државата ништо не направила во оваа насока.