Продолжува ли злоупотребата на службената должност од страна на вработените во Јавното шумско претпријатие „Лопушник“ во Кичево?! Се сомнева дека одредени лица противправно изготвувале службена документација за сечење на 167 метри огревно дрво и истата му ја издале на физичко лице од Прилеп, со што Јавното претпријатие „Национални шуми“ го оштетиле за околу 12.400 евра. Поради тоа, Секторот за внатрешни работи-Кичево поднесе кривична пријава против четири лица.
-Пријавените, вработени во Шумското претпријатие „Лопушник“, ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и бесправно изготвиле службена документација за сеча на 167 метри просторни огревно дрво и ја издале на физичко лице од Прилеп. Со тоа предизвикале штета на Јавното претпријатие „Национални шуми“ за сума од 769.300 денари-велат од СВР Охрид.
Заменикот-директор на „Национални шуми“, за ТВ21 рече дека иницијативата е покрената согласно годишните пресметки, бидејќи, како што објаснува, утврдиле дека недостигаат средства.
-Ова сѐ уште е во фаза на процесирање, не можеме да даваме детали додека не излезе Обвинителството или надлежните органи. Од наша страна, од внатрешната контрола е покрената иницијатива врз основа на годишните пресметки. Кога има недостиг на средства или кога по сезоната за сечење излегуваме на терен и констатираме дека, на пример, ако има 1.000 метри кубни што требало да се исечат, а исечени се 1.500, а од друга страна недостигаат приходи, се констатира дека треба да има понатамошно процесирање на злоупотребата-вели Берат Дехари, заменик-директор на „Национални шуми“.
Потсетуваме дека во истражувањето на „Евротинк“ спроведено во 2021 година беа презентирани податоци за период 2010-2019 година, кои покажаа дека станува збор за организирана криминална активност каде сериозни хиерархиски криминални групи и структури успеваат да соберат голема количина илегално исечени дрва. Од „Евротинк“ велат дека во оваа илегална дејност се вклучени и моќни политички фигури. Зм.директорот, Дехари рече дека преземаат мерки и дека се трудат да најдат соодветен кадар во кичевското претпријатие со цел да се избегнат ваквите ситуации.
