Или сите ќе работат во недела со двојна дневница или недела ќе биде неработен ден за сите. Ова е личниот став на премиерот Христијан Мицкоски кој потврди дека Владата размислува за промени во законското решение за недела неработен ден. Бизнисот одамна бара, а неколку владини министри деновиве најавуваа промена во законското решение, па темата се отвори и на денешните пратенички прашања.
„Имавме од министерот за економија во три различни денови, три различни ставови. Нема да се укине недела неработен ден, размислуваме да правиме модификација на законот и така натаму. Значи прашањето до вас господнине премиер, дали размислувате недела како неработен ден да се укине.“, вели Горан Мисовски.
„Или никој да не работи, вклучително и тие, или тие кои што сакаат да работат, со согласност на работниците кои што сакаат да работат да добијат двојна дневница. Тоа е дилемата која што ја имаме како Влада.“, вели Христијан Мицкоски.
Премиерот се повика на нивните анкети за мерење на јавното мислење кои ги прават три пати месечно. Рече дека покажуваат оти 75 проценти од анкетираните граѓани се за да работат во недела доколку им се плати двојна дневница.
И министерката за финансии во емисијата Бизнис 21 кажа дека нејзин личен став е дека тие компании кои сакаат да работат треба да работат во недела, со поголеми дневници. Сепак дали ќе има законски интервенции за недела неработен ден и какви ќе бидат, ќе се знае после седницата на Економско-социјалниот совет на која ќе се разговара со претставниците на работодавачите и работниците.
