Или стимулирање или укинување на вториот пензиски столб, по примерот на Унгарија, Хрватска, каде веќе се напушта идејата на вториот столб. Ова е едно од размислувањата на првиот човек на Фондот за пензиско, Никола Мемов, кое го кажа во емисијата Бизнис 21 на ТВ 21, како еден од можните начини како да се намали дефицитот во Фондот за пензиско. Вели тоа се сериозни анализи, но одлуките како ќе се санира минусот во ПИОМ се на Владата која е гарант за исплатата на пензиите.
„Или да се зголеми или да се зголемат можностите да вториот столб да можат да инвестираат полесно, со тоа што ќе имаме прогресивен профит во делот на нивното работење. Можеби и треба да се размислува за зголемување на стапката на трансфер кон вториот столб за да се зголеми исто така сумата на буџетите со кои што тие би располагале за да функционираат, односно за да инвестираат. Или втората крајност е вториот столб во целост да се укине“, вели Никола Мемов.
Мемов вели, друштвата од вториот столб оствариле профит од само 800 милиони евра за 18 години. Кај нив се акумулирани 2,5 милијарди, од кои 1,7 милијарди се од делот од придонесите кој завршува кај нив. Од 18,8% колку што е стапката на пензискиот придонес, 6 проценти завршуваат во вториот столб.
Според Дарко Саздов, член на советот на експерти на МАПАС идејата за укинување на вториот столб ќе создаде уште поголеми проблеми. Вели друштвата се со странски капитал, а профитот е таков поради ограничувањата во регулативата, тие мора да инвестираат во неризични пласмани.
Што значи за осигурениците дали им се скратуваат на некој начин правата со преминување со укинување на вториот столб?
„Се разбира. Видете сосема е различен начинот на функционирање. Овдека имате индивидуална сметка своја лична и овие пари се наследни, оваа сметка е лична на секој член. Задирате во сопственичката структура. Тоа е како секој финансиски инструмент. Тоа е како да затварате банкарски систем ги земате сите средства. Така е најлесно, банкарскиот систем да го затвориме и сите пари во буџетот да одат“, вели Дарко Саздов.
Мемов порача Владата, институциите и јавноста сериозно да ги примат препораките на Фискалниот совет, кој според него ги дава клучните поенти како да се санира состојбата во Фондот, затоа што основни извори на финансирање на ПИОМ се придонесите. Фискалниот совет препорача зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години од 2026 година, како и на придонесот за пензиско осигурување. Мемов вели такви сугестии и предлози редовно стигнуваат и од Светска банка и ММФ.
