Со транспарентот „Протестираме за плата“ илјадници граѓани вечерва излегоа на улица да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија и да го искажат револтот од ниските плати во земјава. Синдикалците бараат 600 евра минимална плата и зголемување по 100 евра за сите останати плати. Протестот започна пред симболот на работничката борба Работничкиот дом.
Продолжи пред Собранието. Со повиците „Уа“, „Лопови“ граѓаните го искажаа револтот од пратениците кои одбиваат да расправаат за платите на работниците. Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов со порака: Нема да ве молиме, ќе се бориме!
„Ќе следуваат блокади, ќе следува генерален штрајк. И ќе следува тоа што вас најмногу ќе ве боли. Ќе собереме 10.000 гласови, потписи, со кои ќе станеме овластен предлагач и ќе бараме 80 проценти да ви се намалат вашите плати. И ќе бараме да ја зголемите минималната плата на 600 евра и за најмалку 6.000 денари да ги зголемите другите плати. Ќе ве ставиме на тест. Ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои што со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз. Ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои што со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз“, порача Слободан Трендафилов.
Потоа продолжија пред Стопанската комора со пораки до работодавачите кои одбиваат поголемо зголемување на минималецот од законски утврденото со образложение дека бизнисот не може да издржи таков товар.
„6.000 денари само за една година ни се зголемија трошоците на живот благодарение на лошите политики и нефер трговци, кои што не оставаат пред најголемите празници со празни трпези. Фала им на газдите што пола Македонија си отиде, што сме биле непродуктивни. Они се многу продуктивни од мерцедеси, поршиња и вили во Грчка“, вели Иван Пешевски.
Протестот заврши пред Владата, каде беа испратени главните пораки дека зад барањата на работниците нема политика. Порачаа:Колку и да се обидуваат да не скршат нема да успеат, бидејќи силата е кај вас, во работниците.
„Нас денес овде не не собра политиката, не собра маката. Не собра неправдата. Не собра сиромаштијата. Не собраа платите што не ни стигаат ни до десетти во месецот. Не собраа празните фрижидери и цените во маркетите. Не собра синдикална минимална кошничка што изнесува 655.000 денари која никој не може да си ја приушти на најниски цени во маркетите. Ете тоа не собра денеска овде. Нит политика, нит политички партии“, вели Трпе Деаноски.
Синдикалците се децидни дека доколку и овој пат Владата нема слух да седне на маса и да преговара за решавање на прашањето за платите, ќе продолжат со блокади на улиците и на институциите, но и со блокирање на целата држава преку генерален штрајк во приватниот и во јавниот сектор.
Кон протестот се приклучија и синдикати од образованието,културата, индустријата, трговијата, полицијата како и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
