Околу 99.800 нерешени судски предмети во сите судови низ земјава и само 8% доверба во правосудниот систем се загрижувачки податоци, рече поранешната судијка за човекови права Маргарита Цаца-Николовска.
Од Здружението „Млади правници“ велат дека довербата во правосудството сѐ уште не е на потребното ниво.
Пред неколку недели, американската амбасадорка во земјава, Кејт Мери Брнз, пред судии и обвинители рече дека не е тајна оти граѓаните немаат доверба во судството. Таа додаде дека е потребно целосно спроведување на реформи.
-Неопходно е луѓето да видат и да почувствуваат дека системот функционира. Граѓаните мора да бидат сигурни дека нивните случаи навремено ќе бидат процесирани од неутрален и независен суд. Ова е основен принцип на секоја слободна демократија, која добро функционира, вели Брнз.
Но, што со судиите кои ги одолговлекуваат предметите и не ги решаваат? Претседателката на Судскиот совет, Павлинка Црвенковска, рече дека преземале низа активности за спроведување на реформи.
Од Судскиот совет се жалат на недоволен број судии, но вреди да се истакне дека значителен број веќе се пензионирани, а нивното место не е пополнето. И евроамбасадорот Дејвид Гир, вчера истакна дека е забележано подобрување во однос на владеењето на правото, но дека сѐ уште има многу работа за обезбедување неутрален и независен правосуден систем.
