Се претпоставува дека има уште еден преживеан од катастрофалната сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Струма во Бугарија. Ова произлегува по денешната прес конференцијата на бугарските јавни обвинители кои истакнаа дека од остатоците на автобусот се пронајдени 44 трупови. Според листата на патници во автобусот патувале 52 лица, во болницата има 7 повредени и оттука нејасно е каде е уште еден патник. Портпаролката на главниот обвинител Сијка Милева вели дека ги посетила повредените во болницата, а разговарала и со момчето кое успеало да го скрши задното стакло на автобусот и така да се спасат дел од патниците.
„Почна да ми раскажува за инцидентот како зел чеканче и го скршил задното стакло на автобусот и како од таму се спасиле 8 луѓе. Јас му реков – вие сте седум. Во болницата сте сместени седум и тој ми рече – не, се спасивме 8 луѓе. Најдовме 44 трупови, во болницата се сместени 7 лица, 4 мажи и 3 жени. Останува голема мистерија каде е осмото лице“, истакна Сијка Милева.
Заменикот главен обвинител Борислав Сарафов кој ја води истрагата, дополни и дека на граничниот премин било констатирано дека во автобусот имало 52 патници вклучително и шоферите. Тој рече дека причина за несреќата е човечка грешка, а според првичните наоди од истрагата до пожарот дошло по ударот во десната ограда на автопатот а потоа во левата и дека од стружењето на оградата и асфалтот се создале многу искри поради што се запалил автобусот. Обдукцијата на телата покажала дека сите жртви починале од задушување, а не од ударот. Тој ги отфрла информациите во јавноста дека во автобусот се пренесувале туби со гориво.
„Циркулираат верзии дека се пренесувани туби со гориво бензин и дизел и дека тоа се причините за пожар. Таа верзија е истражена и категорично отфрлена од нас. На местото на настанот се најдени три туби. Трите туби имаат само остатоци од нафта, од горивото кои го користело автобусот. Не биле полни, не се запалени. Според тоа, пожарот не избувнал од нив“, вели Борислав Сарафов.
Во текот на овие денови се собираат примероци и се прават ДНК анализи од роднините на загинатите за да се изврши нивна идентификација. Јавниот обвинител Љубомир Јовески запрашан дали ќе покренат истрага за фирмата Беса Транс чии автобуси ги превезуваа патниците тој рече:
„Нема да водиме паралелна истрага предметот сега е во надлежност на јавните обвинители на Република Бугарија, ќе почекаме да заврши делот на истрагата што ја водат обвинителите и резултатите до кои ќе дојдат а потоа Јавното обвинителство на Република Македонија соодветно ќе постапи“, посочи Љубомир Јовески.
Бугарските обвинители најавија и дека ќе се врши експертиза и на автопатот каде што се случи сообраќајната несреќа. Ќе се проверува патната сигнализација и на поставените сообраќајни знаци. Овој дел од автопатот се уште е затворен за сообраќај. Бугарското обвинителство ќе бара одговорност и кај полицијата и царината кои го пуштиле автобусот да влезе без меѓународна лиценца и без евиденција во системот на македонската гранична служба.
