Има ли можност за уставни со одложено дејство?! – Зајкова: Не е наведено дека уставните измени треба да се спроведат веднаш

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ставот на претседателката на Либерално демократската партија Моника Зајкова за одложено дејство на уставните измени директно оди на иста линија со ставот на премиерот Христијан Мицкоски. Објаснувајќи ја својата позиција во Дејли клик на ТВ21 таа вели дека во заклучоците за проширувањето никаде не стои дека уставните измени треба да стапат во сила веднаш, што според неа остава простор за слободно толкување на тие одредби. Уставните измени со одложено дејство, вели таа е добра можност за откочување на евроинтеграциите.

„Според мене како правник, но и според толкувањата, но и разговорот внатре во партијата со европските либерали, ова остава простор за пошироко толкување или интерпретација дека ние можеме да го завршиме нашиот дел од работата, да ги спроведеме уставните измени па да дојдеме до таа трета фаза, бидејќи има фази на уставен закон каде што би ставиле преодна одредба дека истите ќе стапат во сила во моментот кога сите земји членки, вклучително и Бугарија ќе го ратификуваат пристапниот Договор за членство на Македонија во Европската унија“, вели Моника Зајкова.

Претходно претседателот на СДСМ Венко Филипче рече дека нивната партија нема да го кочи ова доколку е остварливо, се со цел да се деблокира нашето членство во ЕУ. Сепак, од опозициската партија велат дека за тоа треба да се разговара на затворена седница во Собранието која веќе Филипче ја побара. 

„Затворената седница, односно седницата која што ја побара Венко Филипче кажавме дека е токму за тоа, нека го кажат тие планот. Тие должат и на јавноста, не само на седница во Собранието, еве условот беше нека биде и затворена седница само да ги кажете плановите тие и на јавноста и должат да кажат кои се плановите. Дали се тоа уставни измени со одложено дејство, како тоа би изгледало, доколку се со одложено дејство, што би значело за отворање на поглавјата и понатаму за нашата држава кога треба да се седне на масата во Европската унија“, порача Богданка Кузеска.

Деновиве и министерот за европски прашања Орхан Муртезани рече дека Владата јасно ја има изнесено позицијата, а таа е дека постои подготвеност за носење на уставните измени, но дека тоа не треба да служи само за отворање на процесот, туку треба да се има гаранции дека тој процес ќе заврши, бидејќи има можност повторно да се соочиме со блокади од Бугарија, истакна Муртезани.