Има ли пари во буџетот за раст на минималецот? СДСМ бара ВМРО-ДПМНЕ да не бара изговори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Власта и опозицијата со поделени ставови за остварливоста на барањето на синдикалците за раст на минималната плата. ССМ побара примањата на работниците да изнесуваат најмалку 450 евра, наместо сегашните 370 евра. Откако премиерот Христијан Мицкоски, прашан за барањето на синдикалците, одговори дека буџетот е во катастрофална состојба, социјалдемократите повикаа власта да не бара изговори.

„Историјата нѐ учи дека за ВМРО-ДПМНЕ никогаш не е приоритет покачување на минималната плата и грижа за оваа категорија работници, ниту пак дијалог со синдикатите. Седум години СДСМ обезбедуваше пари за плати во време на најголемите економски и здравствени кризи. ВМРО-ДПМНЕ единствено бара изговори за да ја смени политиката на покачување на платите која СДСМ доследно ја спроведуваше.“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ вратија дека владата ќе биде партнер на работниците, но сепак потенцираа дека буџетот е во лоша кондиција.

„Премиерот најави заложби уште во првите сто дена да се остварат разговори помеѓу сите релевантни учесници поврзани со овие прашања и овие проблеми, меѓутоа важно е да зборуваме и да бидеме искрени дека ситуацијата која ја наследивме е катастрофална.“, изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Бизнисмените пак, за дел од медиумите, истакнаа дека нема простор за вака големо покачување на минималната плата и апелираа да се почитува актуелниот закон и методологијата со која минималната плата постепено се усогласува со порастот на трошоците на живот и порастот на просечната плата.

Од друга страна, синдикалците укажаа дека во Македонија се зема најниска минимална плата која не овозможува достоинствен живот на работниците и очекуваат зголемување во првите сто дена од новата Влада. Неодамна, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши кажа дека минималецот ќе биде првата тема на разговорите кои ќе ги има со синдикатот.