И додека претседателот на ДУИ, Али Ахмети одржа состанок и вложува напори опозициската Алијанса за Албанците да влезе во владината коалиција, потпретседателот на интегративците, Изет Меџити смета дека овој потег не е неопходен.
Меџити, евентуалниот влез на АА во Владата го нарече коалиција на интереси, но не и на интеграциите. Тој ги наброја и причините поради кои партијата на Таравари не треба да стане дел од мнозинството.
„Од нашата гледна точка, мислам дека станува збор за стабилна Влада која на почетокот имаше 62, а сега има 64 пратеници, имајќи предвид дека пратениците Албанци, без оглед дали се на власт или во опозиција, за стратешки прашања, за интеграциите, не се разидуваат во мислењата кога гласаат за стратешки прашања, за перспективите на граѓаните во Македонија. Исто така бројката не е блиску до 81 за уставни измени, па затоа не изгледа како здрава иницијатива која би им помогнала на процесите, повеќе се гледа како…. Ако дојде до тоа, може да биде коалиција на интереси, но не и на интеграции. Да почекаме следните денови, да видиме какви ќе бидат проценките и врз основа на тоа ние ќе дадеме свое мислење“, вели Изет Меџити.
Од друга страна, пак, челникот на интегративците, Ахмети вели дека доколку се постигне позитивен исход, ова би му помогнало на парламентарното мнозинство, а истовремено би било корисно и за партиите кои би му се приклучиле на мнозинството. Ахмети немал друга средба со претставници на АА и вели дека не се разговарало за поделба на ресорите во извршната власт.
„Во моментот кога ќе имаме повеќе информации тогаш ќе ги споделиме со јавноста. Засега имаше само првични средби без никаков епилог. Во иднина очекуваме дополнителни средби“, вели Али Ахмети.
-Кои се барањата на АА?
„Не беше разговарано за конкретни барања“.
Инаку, и од Алтернатива сметаат дека влезот на Алијанса во Владата во моментов не е неопходен. Секретарот на партијата, Зеќирја Ибрахими, вчера за ТВ21 рече дека ова ѝ одговара само на ДУИ за да се спаси од притисокот на т.н. „огнена група“.
