Имала ли „Беса транс“ лажна лиценца? – Сведочеше претставникот на Царинската управа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По неколку последователни откажувања, конечно почна судското рочиште против „Беса транс“ и сопственикот на компанијата Беким Хаџиу. Седницата започна со распит на претставникот од Царинската управа Драган Василевски. На распит кај обвинителот Владимир Милошевски, Василевски раскажа за системот како се регистрираат автобусите кои заминуваат од земјава и за документацијата што му е потребна на автобусот за меѓународен превоз.

Обвинителот го праша Василевски дали автобусот кој излетал, со регистарска табличка SK0284BA, бил снимен додека ја напуштал границата.

„Беса транс неколку пати е евидентирана во системот, бидејќи е редовен превозник, има евиденција  дека излегла“, вели Драган Василевски.

Адвокатот Асмир Алиспахиќ во вкрстеното испрашување го праша Василевски дали автобусите на „Беса транс“ секогаш имале валидна и оригинална дозвола за меѓународен превоз. За ова прашање реагираше обвинителот кој додаде дека сведокот Василевски никаде не зборувал за веродостојноста на документацијата која била дадена на царинската контрола.

Во преформулирањето на прашањето на Алиспахиќ, одговори Василевски.

„Ова не го знам бидејќи јас како сведок не можам да извлечам заклучоци, само кажав што е потребно (документација). Ако ги имале сите потребни документи и  ја поминале границата, тоа значи дека се било во ред“, додава Драган Василевски.

Василевски тврди дека превозникот кој не ги исполнува потребните услови и документација не може да ја премине границата на државата. Според него, никогаш немало неправилности во дозволата за меѓународен превоз при царинските проверки што биле направени во автобусите на „Беса транс“.

Според Алиспахиќ, сведочењето на Василевски го потврдува она што го тврди одбраната.

Трагичната несреќа во која животот го загубија 45 лица, а меѓу жртвите има и 12 деца, се случи на 23 ноември минатата година во раните утрински часови, кога автобусот  на „Беса транс“ кој со туристи се враќал од Истанбул удри  во оградата на автопатот Струма, во близина на бугарското село Бошнек.