Комисијата за именување на улиците во Општина Тетово го пробила предвидениот рок за завршување на листата со новите имиња. Иако завршната седница требаше да се одржи на 20 септември, таа не се одржа. Претседателот на комисијата, Алби Ќамили, доцнењето го оправдува со потребата од дополнителни правни и јазични проверки пред листата да биде доставена до Владата.
– Точно е дека имавме утврден динамички план за текот на процесот на работната група за именување на улиците, но мора да ја имаме предвид чувствителноста на овој процес. Ги знаете административните, правните и јазичните проблеми со кои се соочија другите општини во овој процес, затоа ангажиравме и експерти кои работеле на овој процес во други општини, како што се Општина Чаир и Градот Скопје. Затоа, преземајќи ги сите мерки, проценивме дека е подобро процесот да се одвива побавно, но да има законски соодветно решение, изјави Алби Ќамили, претседател на Комисијата за именување на улиците.
Според Ќамили, комплетната листа со имињата на улиците во Тетово се очекува да биде готова до 30 септември. Сепак, таа нема веднаш да биде доставена до Советот на Општината, туку ќе биде предмет на проверка од стручни лица од областа, со цел да се избегнат законски пречки.
– Но, повторно ќе кажам дека процесот се одвива добро и до 30 септември ќе ја имаме и следната седница на работната група, на која сметаме дека ќе завршиме и ќе ја комплетираме листата, која ќе биде проверена од експерти, а потоа ќе биде доставена до Советот на Општината за усвојување и до Владата на одобрување, изјави Алби Ќамили, претседател на Комисијата за именување на улиците.
Досега во Тетово се потврдени вкупно 222 имиња на улици – од кои 77 во првата и 145 во втората фаза.
