Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје предложија да се укине одлуката за промена на имињата на улици, мостови и плоштади во регионот на Град Скопје. Со 24 гласа „за“ и 19 „против“ овој предлог влезе на дневен ред како дополнителна точка.
Предлагачот на оваа иницијатива, Марија Андонова, советничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека во одлуката има нејаснотии и недостиг на документација.
Против предлогот беше советничката на СДСМ, Лубица Јанчева, која истакна дека со укинување на одлуката за менување на имињата на улиците се прекршува Деловникот.
Со овој предлог е побарано да се гласа со име и презиме. И заменик градоначалничката на Скопје, Бујаре Абази, гласаше ЗА последната точка на дневниот ред. Од советничката група на ДУИ, Бесник Ајети, рече дека со 2 гласа на АА и ААА ова точка влезе на дневен ред.
„Ние како советничка група гласавме „ЗА„ кога тоа беше дел од првиот мандат и тоа за нас не е прифатливо. За прв пат во Град Скопје се именуваат плоштади и улици со имиња на Албанци. Тоа е додатен дел кога ќе почне дебатата за точката на дневниот ред“, истакна Бесник Ајети.
Инаку, одлуката што е на сила предвидува некои скопски улици да ги носат имињата на албански преродбеници. Во новиот формат на Град Скопје, мнозинството советници сега ја составуваат советниците на ВМРО-ДПМНЕ, АА и Левица.
