Имот на екс директорот на УБК Сашо Мијалков и екс премиерот Никола Груевски во вредност од околу 29 милиони евра наскоро треба да се најде на лицитација. Најголем дел од имотот на Мијалков се од случајот „Империја“ и ќе се продаваат 20 станови и 8 гаражни места на Водно, 2 апартмани во хотелот „Панорама Резиденс“ на Водно како и 2 апартмани во Охрид, потоа градежни земјишта меѓу кои и парцела до хотел „Мериот“ како и деловен простор. Имотот на Груевски пак за прв ќе биде даден на аукција и тоа два стана на улица „Бихаќка“, три апартмани во „Панорама Резиденс“ како и плацеви на Водно. Засега се проценети само становите и апартманите и тоа 1,9 милиони евра, додека плацевите на Водно се смета дека се околу 5,8 милиони евра и за нив се уште се чека проценка.
Директорката на Агенцијата за одземен имот Ирена Илиевска вели дека продажбата ќе се случи за околу еден месец откако Правилниците ќе бидат објавени во Службен весник и ќе се добие согласност од Владата.
–Имотот на Мијалков останува оној кој што е непродаден согласно пресудата, еден дел, околу 21,9 милиони евра, додека за Груевски имот кој што има проценка за становите и за апартманите е некаде околу милион и 900 илјади евра и за земјиште односно за едно од плацевите од Водно имаме добиено проценка, а за другото се уште се чека од Бирото за процена, изјави Ирена Илиевска, директорка на агенција за управување со одземен имот.
Деновиве Груевски на својот фејсбук профил во постот за Заев насловен како „Шеикот од Дубаи“ наведува дека тој нема запленет имот.
Но, кој може да го откупи конфискуваниот имот? Директорката Илиевска вели дека тие работат согласно законот каде е наведено кој може да го купи имотот.
-Си има закон, значи согласно законот по кој што работиме пишува кој се исполнува услови за да може да го купи имотот така што ние не би можеле однапред да ви кажеме кој ќе го купи имотот поради тоа што и ние како Агенција самите не знаеме. Тоа оди на електронска лицитација со аукција така што оние кои исполнуваат услови, значи кои што ќе понудат повисока цена од почетната тие ќе го купат, изјави Ирена Илиевска, директорка на агенција за управување со одземен имот.
Инаку, три стана, на Мијалков беа продадени на аукција пред околу една година но нив ги откупи неговиот син Јордан за околу 300 илјади евра.
