Индивидуално незадоволство во огранокот во Кичево! Беса со реакција: Обид за дестабилизација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Внатрешни тензии го зафатија Движењето БЕСА, откако Централното собрание на партијата донесе одлука за целосно разрешување на претседателството, како формален чекор кон обединување на коалицијата ВЛЕН во еден политички субјект. Одлуката во јавноста беше толкувана како стратешки потег на претседателот Биљал Касами, додека во позадина беа спомнати и можни судири со потпретседателот Фатмир Лимани.

Во меѓувреме, група локални функционери објавија соопштение со одлуки за разрешувања во рамки на огранокот, повикувајќи се на прекршување на статутот и недостиг на политичка активност.

-Поради неактивност и прекршување на статутот, се разрешува претседателот на огранокот Агим Садику. Од претседателството се разрешуваат и се отстрануваат Бејтула Емини, Валбона Адили Емини и Реџеп Асани, велат од Движење Беса, огранок Кичево.

Но, официјалната реакција од централата на Движењето БЕСА беше итна, оценувајќи го ова соопштение како без правна основа и како обид за дестабилизација на процесот на обединување на ВЛЕН.

-Ја информираме јавноста дека Огранокот на Движењето БЕСА во Кичево, со претседател Агим Садику, секретар Реџеп Асани, членовите на претседателството Валбона Адили Емини и Бејтула Емини, како и неговото членство, како и сите други ограноци, подлежи на прогласениот мораториум на партиските активности со цел обединување на ВЛЕН во еден субјект. Ова што го гледаме денес се надворешно мотивирани обиди за нанесување штета на Движењето БЕСА, велат од Движењето Беса.

Во оваа клима на случувања реагираше и Фатмир Лимани. Во јавен статус тој изрази загриженост во врска со воведувањето мораториум на политичките активности, нагласувајќи дека таква мерка треба да биде оправдана, консултирана со структурите и во функција на стабилноста – а не на штета на демократското функционирање.

-Политичките структури не можат да бидат парализирани преку еднострани одлуки, бидејќи тие ја претставуваат волјата и ангажманот на членството на терен. Во битките што се водат „со лакти“, губат нечесните. А постапувањето по принципот: „… престана дождот …“, води кон беспатие, вели министерот за социјална политика, Фатмир Лимани.

Последните случувања укажуваат на чувствителен период во рамки на БЕСА, во време кога се преговара за консолидација на ВЛЕН во еден единствен субјект. Останува да се види дали овие судири ќе се продлабочат или ќе бидат надминати во функција на политичкото обединување и подготовките за претстојните изборни процеси. Во меѓувреме, од партијата појаснуваат дека Централното собрание на 12 февруари го разрешило претседателството и го овластило претседателот Касами да ги продолжи преговорите за обединување на ВЛЕН, додека лицето што го потпишало соопштението на огранокот во Кичево е разрешено од страна на Централното собрание.