Инфлаторниот монитор на Собранието покажал раст на цените во март – Тренчевска бара итни мерки, за Здравковски нормална е инфлација од 5 до 8% во криза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Податоците од Инфлацискиот монитор кој го изработува Парламентарниот институт во Собранието им покажале на пратениците дека во март цените на храната отишле нагоре – потврдија во емисијата Бизнис 21 пратениците Јованка Тренчевска од СДСМ и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Здравковски. Но,Тренчевска  смета дека Владата не презела ништо и бара итни мерки за заштита на стандардот на граѓанитe. Здравковски пак тврди дека е нормално во кризни состојби да имаме од 5 до 8% инфлација. Вели, Владата презема чекори и не треба да се избрза со мерките.

„Цените на основните прехрамбени производи навистина во март отишле нагоре. Ете да кажеме на месото, инфлацијата кај месото е 12,8 проценти, кај лебот и житата 3,7проценти, кај овошјето 12,8 проценти, кај млекото, сирењето, јајцата 8,1 проценти, кај маслата и мастите 6,9 проценти, кај безалкохолните пијалоци 14,6 проценти, кај шеќерот и кондиторските производи 10,2 проценти“, вели Јованка Тренчевска.

„4,9 проценти инфлација е нешто нормално кое што се случува во вакви кризни состојби, во ваква ситуација со нестабиле геополитички тек. Она и самата Светска организација за храна и земјоделие, самите велат дека нормално е во кризни состојби да имаме од 5 до 8 проценти инфлација. И сметам дека секако се држиме во овие граници, но разликата  ево тоа што, Владата ги презема овие чекори, како што кажавте претходно со намалување на ДДВ-то и акцизитеза горивата со цел да се заштити онаа инфлаторна спирала“, вели Игор Здравковски.

Тренчевска најави дека како пратеничка група подготвуваат нови закони, со нови мерки, кои ќе ги достават до Собранието, откако првите не добија поддршка.

Жестока дебата имаше во однос на барањето на синдикатот за раст на минималната плата од 600 евра и на сите останати плати за 100 евра.

„Платите треба сами да растат, треба да оставиме сами да растат, затоа што имаме намален, ете да речеме намалена понуда на пазарот на трудот. Работодавачите да си одредат своја минимална плата, затоа што луѓето веќе имаат избор“, вели Игор Здравковски.

„Треба да се зголемат платите на работниците. Треба да се зголеми минималната плата, треба да се зголемат и останатите плати. Затоа што со тие плати навистина е непристојно, недостојно за едно семејство да го помине месецот“, вели Јованка Тренчевска.

На прашањето зошто не си ги намалија функционерските плати, Тренчевска вели треба да растат работничките плати, а Здравковски одговори дека ако се споредат со растот на сите останати плати во други сектори, функционерските најмалку растеле.