Инфлацијата останува под контрола и во моментов нема потреба од нови мерки за интервенција на пазарот, вели министерот за економија Бесар Дурмиши, додавајќи дека институциите постојано ја следат состојбата во соработка со Државниот пазарен инспекторат.
Тој предупреди дека доколку се евидентираат девијантни однесувања или неоправдани зголемувања на цените, институциите ќе интервенираат со соодветни мерки.
„Во исто време, од Државниот пазарен инспекторат беа извршени контроли и за месеците март до јуни, за овие последни 3 месеци, и таму е констатирано дека овие цени на производите во малопродажба се зголемени за 0,16%, што резултира со позитивен ефект како резултат на тоа што имавме средби со сите продавачи кои имаат синџири на маркети и ги информиравме дека ги следиме и дека ја зголемуваат профитната маржа, а тоа се одрази во последните 3 месеци и имаме само 0,16%“, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија.
Дурмиши истакна дека во понеделник ќе имаат средба со производителите и дистрибутерите на прехранбени и непрехранбени производи.
„Го проверивме целиот синџир по ред, линијата од производителот и дистрибутерот па сè до трговците на мало. Контролите беа направени од мај 2025 година до мај 2026 година и влезните цени, односно оние по кои тие ги набавувале производите, се зголемени за 2,66%, додека продажните цени се зголемени за 4,56%. Заклучокот од контролите е дека оние трговци кои вршеле малопродажба во периодот кога се намалиле влезните цени, не ги намалиле и продажните цени, и станува збор за зголемување од 4,56%“, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија.
Ова министерот Дурмиши го изјави по Економско-социјалниот совет кој денеска се одржа во Владата, каде што, како што посочи, се разговарало за политиките за вработување, платите, пазарот на труд и потребата за усогласување на образованието со барањата на економијата за зголемување на вработеноста и конкурентноста.
