Иницијативата за референдум во Собрание – Мицевски: Се надевам Џафери нема да користи методи да ја оспори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ стигна во Собрание. Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски со папката во раце соопшти дека и официјално ја доставуваат во законодавниот дом за која се собрани нешто повеќе од 650 потписи. Тој очекува иницијативата да го помине собранискиот филтер и како што рече се надева дека претседателот на Собранието Талат Џафери нема да бара начин да ја оспори. Мицевски вели дека на неа стои името Република Македонија, бидејќи, како што вели, под тоа име е склучен Договорот со Бугарија во 2018 година, но на дописот со кое ја доставуваат иницијативата е употребено уставното име Република Северна Македонија. Вели дека очекува поддршка и од пратениците од мнозинството.

Се надевам дека претседателот на Собранието нема да користи некои негови познати методи и дека уредноста на иницијативата ќе биде утврдена и истата ќе почне со процедура во Собрание. Ајде да дозволиме да помине затоа што навистина внимававме со самото прашање и внимававме на кој начин ќе биде правно-формално напишана и доставена до Собранието. До колку не го помине првиот филтер се надевам на свеста на пратениците од владејачкото мнозинство затоа што гледаме дека не сите пратеници од владејачкото мнозинство гласаа и за францускиот предлог“, вели Никола Мицевски.

Од СДСМ велат дека Собранието ја има само улогата да ја утврди уредноста на иницијативата, но истовремено повторија дека референдумот не е во интерес на државата и граѓаните. Мартин Костовски пратеник од оваа партија, сепак немаше одговор каков став ќе заземат доколку иницијативата помине во парламентот, дали ќе повикаат на бојкот или граѓаните да се изјаснат против.

Оние активни и пасивни блокади се одлика за страшливото однесување на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски. И оваа иницијатива ја цениме како единствено кукавичко јајце пуштено во јавноста со цел да се сочува удобната фотелја во белата палата на Христијан Мицкоски и малата група послушници што се околу него. Знам дека неконзистентноста е одлика на опозицијата, се надевам искрено дека проевропските сили во ВМРО-ДПМНЕ внатре ќе почнат да доминираат се со цел да биде добро тоа не само за ВМРО-ДПМНЕ туку и за целата држава“, посочи Мартин Костовски.

По доставувањето на иницијативата во Собранието, претседателот Џафери треба да ја достави до претседателот на Законодавно правна комисија и матичното работно тело кои потоа во рок од 2 дена треба да достават мислење за уредноста на иницијативата. Доколку се утврди дека таа не е уредна за неа треба да се расправа на првата наредна седница на Собранието. Досега голем број пратенички групи се изјаснија дека се против референдумот.