Инспекторите на терен, затворени маркети во неколку скопски општини и во Струга

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Инспекторите на терен, изречени санкции на неколку маркети. Поради непочитување на мерката гарантирана цена, затворени се неколку поголеми маркети во Скопје и во Струга. Директорот на државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски при воведувањето на мерката на околу 500-тини производи најави дека доколку маркетите не ги почитуваат новите мерки ќе заработат казна од 800 до 10 илјади евра казна, зависно од големината на компаниите. Тој денеска со нов апел до сите трговци да се придржуваат до владината одлука за намалување на цените од 10 проценти.

„Апелирам до сите трговци дека нема да има компромис ниту селекција во постапувањето на Пазарниот инспекторат, кога е во прашање интересот на граѓаните. Казнети се и затворени повеќе ланци на големи маркети во Скопје, (Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел) и Струга. Во повеќе наврати напоменав дека секој мора да ги почитува законите и одлуките на Владата.“, вели Трајковски.

Од СДСМ велат дека новата мерка за намалување на цените е успешна и дава резултати. По пониски цени во маркетите се продаваат лебот, млекото, јајцата, брашното, месото, оризот, сирењето, кашкавалот и многу други, рече Мелиса Ценовска Серафимовска од СДСМ.

„Со „гарантирана цена“ која е за 10 отсто пониска од цената по која се продавале на 1 август се намалуваат цените на над 500 производи во 25 категории. За дел од производите, кои енормно поскапеа од август досега, цената се намалува и до 40%. Во наредниот период следува намалување и на цените на пијалоците“, вели Мелис Ценовска Серафимовска.

Но што велат граѓаните кои ТВ21 ги праша за тоа колку се задоволни од оваа мерка.

Мерката започна да се применува од 20 овој месец а е предвидено да биде на сила до 30 ноември, со што надлежните очекуваат да се намали инфлацијата на храната од 4 до 5 проценти до крајот на годинава. Но сепак, дел од експертите велат дека мерката нема да ги даде очекуваните ефекти токму поради тоа што е со краток временски период

.