Инспекциите во акција: Отстранети нелегалните улични продавачи кај Клиничкиот центар, Зеленото пазарче и Буњаковец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Инспекторатот на Град Скопје вчера спровел координирана инспекциска акција на неколку локации во главниот град, при што биле отстранети нелегалните улични продавачи во околината на Клиничкиот центар, Зеленото пазарче и Буњаковец.

Акцијата била реализирана во соработка со Државниот пазарен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство и Инспекторатот на Општина Центар.

Од Град Скопје информираат дека целта на контролите е воспоставување комунален ред, спречување нелегална трговија, заштита на јавните површини и создавање еднакви услови за сите трговци кои работат согласно законите.

„Нема да дозволиме узурпирање на јавните површини и нивно користење за нелегална продажба“, порачуваат од Град Скопје.

Оттаму најавуваат дека инспекциските контроли и координираните акции ќе продолжат и во наредниот период, со цел зачувување на комуналниот ред и почитување на законите на целата територија на градот.