Иако епидемиолошката состојба за нијанса е подобра, сепак битката со корона вирусот се уште не завршила. Надежта сите ја вложуваат во вакцината за која се верува дека ќе ја спаси целата планета од овој вирус и ќе го врати нормалниот живот кај сите. Обезбедени се 800.000 вакцини за цела 2021, а првите дози од вакцината на Фајзер се очекуваат веќе во февруари.
„Институциите се подготвени, следува процес на имунизација на целото население, за конечна победа над пандемијата. Истовремено, државата преку два други механизи ќе обезбеди дополнителни дози на вакцини против коронавирусот. Едниот од нив е „Ковакс“ механизмот каде се очекуваат уште 833.000 дози на вакцини, а како трет механизам се преговорите со земји членки на ЕУ кои се подготвени да отстапат дел од нивните вакцини. Преку сите три механизми во оваа година треба да се обезбеди вакцинација за 1,2 милиони жители, односно за околу 60 отсто од вкупното население“, истакна Ненад Коциќ.
Првиот човек на СЗО вчера побара од производителите да забрзаат со испорака, но и да престанат со билатерално договарање со земјите. Бидејќи Министерството за здравство склучи и билатерален договор со Фајзер, прашавме, што понатаму во однос на барањето на СЗО. Од таму кратко ни одговорија
„Нашата земја ги поддржува напорите на СЗО за обезбедување повеќе вакцини и еднаква распределба на истите“, велат од министерството.
Досега вакцинацијата почна во 42 земји. Во земјава, властите очекуваат дека токму преку КОВАКС првите дози на вакцината ќе стигнат до крајот на овој или на почетокот на следниот месец. Инаку, во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 17 нови пациенти поради компликации од коронавирусот,меѓу кои и претседателот на комисијата за заразни болести Жарко Караџоски и неговата сопруга кои се со послаба клиничка слика , а се позитивни на вирусот од почетокот на годинава. Во моментов околу 360 лица се лекуваат низ ковид центрите во земјава од кои голем дел се на кислородна поддршка.
