Впечатокот кај граѓаните е дека голем дел од реформите не се функционални, кое особено се однесува во сферата на судството и воопшто во владеењето на правото кое е на рекордно ниско ниво. Ова го истакна претседателот на државата Стево Пендаровски на сесијата за Национална конвенција за Европска унија во Македонија, кој рече дека за исполнувањето на задачите за влез во ЕУ е потребен национален консензус.
„Политичката волја за владеењето на правото не смее да биде само декларативна, туку реална и присутна и во фазата на примената на законите а не само при нивното усвојување во парламентот. Колку брз ќе биде процесот на нашата интеграција во Европската унија зависи и од Брисел и од земјите членки, но најмногу од нас. Реформите не ги правиме за да ги задоволиме европските бирократи туку фундаментално да го промениме нашето општество и работата на нашите институции од кои нашите граѓани не се задоволни во висок процент“, вели Стево Пендаровски.
Пристапот кон Европската унија треба да биде национален проект и за тоа треба да се заложи целиот политички спектар. Од тоа како ќе бидат спроведени реформите ќе зависи и успехот за членство во унијата, порача евроамбасадорот Дејвид Гир.
„Добрите вести се дека скринингот се одвива добро, имаме добар моментум, македонската страна покажа дека е подготвена, информирана и ангажирана. Владата изјави амбициозно дека ќе се приклучи во Европската унија до 2030 година. Успехот или неуспехот на оваа амбициозна одлука ќе зависи од бројни фактори“, вели Дејвид Гир.
Претседателот на Комисијата за европски прашања Арбр Адеми сепак потсети на потребата од усвојување на уставните промени.
„Македонија нема да претрпи никаква штета ако го исполниме овој услов, ако во Уставот на нашата држава се вклучат и други етнички заедници вклучувајќи ја и бугарската етничка заедница. Тоа треба да го направиме што побрзо е можно“, вели Арбр Адеми.
Со доза на песимизам настапи претседателот на Националната комисија за евроинтеграции Александар Николоски.
„Не звучат охрабрувачки кога ќе се слушнат високи претставници на земји-членки на Европската унија кои што кажуваат дека е толку со проширувањето дека Западниот Балкан нема перспектива или дека прво треба Европската унија да се реформира па после тоа да се размислува за проширување“, вели Александар Николоски.
Ова е петта пленарна сесија на Националната конвенција за Европска унија на кој се дебатираше за владеењето на правото и спроведените реформи како основа на европската интеграција, како и за справувањето на климатските промени и социјалните последици во земјоделството. На сесијата беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството за правда и Националната конвенција за Европска унија.
