Интензивно се подотвува просторот за поставување на монтажна ковид болница во Куманово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Привршуваат подготовките за поставување на монтажната ковид болница во Куманово, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа. Дотраениот објект на одделот за физикална терапија кој повеќе години не се користеше е урнат. Локацијата каде што ќе се гради монтажната ковид болница непосредно е сместена до инфективното одделение каде има и најголем број на ковид пациенти.

– Искрено, се надевам дека до крајот на месецот ќе биде поставена монтажната ковид болница затоа што подготовката на теренот е при крај, уште некои мали инфраструктурни работи да се довршат и инвеститорот го очекуваме од понеделник да дојде и да отпочне со работа, финално она што е подготовка на терен за да може да биде поставена болницата. Постојано сме во контакт со проектна единица од Министерството за здравство кои постојано ја надгледуваат работата и околу подготовката на теренот и потоа кога ќе почне да се врши поставувањето на овие контејнери, изјави директорката на болницата, Снежана Захариева.

Во трите ковид центри во Куманово, инфективното, поранешно невролошко или Ковид 2 и Ковид 3 или одделение за уво, грло и нос сместени се 110 пациенти според податоците на Министерството за здравство. Од болницата велат дека засега нема потреба од отворање нов ковид центар.

– Во секој ковид центар мора да имате зелена, жолта и црвена зона, црвена зона е таа каде што се пациентите, каде се работи со нив, во зелената зона е персоналот којшто подготвува терапија, води администрација и слично. Имаме околу петнаесетина слободни легла, засега нема потреба од отворање на нов капацитет. Ако се укаже потреба секако дека ќе направиме преадаптација на друг простор и нема да ги оставиме пациентите како што и досега не беа оставени. Денешниот биланс покажува таа е бројката, единствено има благо намалување на број на приеми, зголемување на број на оздравени, јас искрено се надевам дека ќе продолжи овој тренд затоа што навистина обемот на работа е голем, персоналот постојано работи со максимални напори, ќе кажам дека се екипирани и работата се одвива непречено- вели Захариева.

Во кумановската болница не се пријавиле матични лекари или приватни интернисти за поддршка на колегите.

-Со наши сили и персонал работиме и сега засега немаме пријавено никој, знам дека и министерот за здравство рече дека можат да се пријават и приватните интернисти, знам дека во други општини имаше пријавено доброволци, меѓутоа такво нешто кај нас, нема, вели Захариева.

Припадниците на Армијата и на МВР се на места каде има најголема концентрација на пациенти, пред инфективно и пред рентген каде пациентите чекаат за снимки.

– Немало засега проблеми, меѓутоа е добро кога имаме присуство на униформирани лица, засега беспрекорно се одвива целата работа- вели Захариева.