Интерпелација за членови на Судски совет: СДСМ смета дека е упад во правосудството, ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утре пратениците ќе одлучуваат за интерпелацијата на петтемина членови на Судскиот совет, кои таму се назначени од страна на Собранието. Во исто време, Советот закажа седница, но според претседателот Александар Камбовски, нема да има пречки оној член што сака, да отиде во Собранието и да се произнесе за интерпелацијата.

„Доколку некој од колегите изрази желба да отиде таму да даде изјава, ние тука ќе ја прекинеме седницата, ќе почекаме колегата да се врати. Значи, нема да има никаква пречка, ни во Собранието, ниту во Судскиот совет“, изјави Александар Камбовски, претседател на Судски совет.

Според СДСМ пак, со интерпелацијата ќе се случи упад во судската власт. Оттаму велат дека ако Судскиот совет биде срушен на ваков начин, следни ќе бидат судиите што не се по волја на власта. Пратениците на СДСМ нема да учествуваат во гласањето.

„Ова претставува школски пример за директно и грубо кршење на уставниот принцип за владеење на правото и за поделбата на власта на законодавна, извршна и на судска. Власта предводена од Мицкоски на лице место континуирано ја демонстрира својата злонамера за целосна партизација и политичка контрола врз правосудниот систем“, изјави Ана Чупевска, потпретседателка на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека опозицијата намерно ги штити судиите и обвинителите за да избегне одговорност од, како што додаваат, сторените криминали.

„Како претседател на Судскиот совет беше Весна Дамева, која како член на партиска Комисија на СДС, активно го спроведуваше политичкиот и криминален интерес на својата партија. Дамева не само што ги поттикнувала, туку и ги организирала незаконските дејства за да ги исполнува нарачките од тогашниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче“, изјави Драган Ковачки, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Интерпелацијата беше поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, но не се знае какви механизми ќе преземе власта ако интерпелацијата биде усвоена во Собранието, а членовите на Советот не си поднесат оставки. Премиерот Христијан Мицкоски јавно ги повика членовите да си поднесат оставка, барајќи од нив да бидат доблесни. Весна Дамева, Татјана Чачарова Илиевска, Селим Адеми, Павлина Црвенковска и Миљазим Мустафа истакнаа дека треба да постојат оправдани причини за да си поднесат оставки.